|
И З В Е Ш Т А Ј
од посетата на делегацијата на Албанската Комисија за хартии од вредност и потпишувањето на билатералниот
Меморандум за разбирање со КХВ на РМ
Врз основа на претходно воспоставената соработка помеѓу Комисијата за хартии од вредност на РМ и Албанската Комисија за хартии од вредност, во периодот од 21-23 ноември 2005 година Комисијата за хартии од вредност беше домаќин на 3-члена делегација на Албанската Комисија за хартии од вредност.
Албанската делегација беше составена од: Г-дин Ксенофон Крисафи-главен извршен директор и член на АКХВ, Г-ѓа Флора Муста-раководител на секторот за контрола и Г-ѓа Аљона Мансаку-правник во АКХВ.
Пред доаѓањето на гостите, на рецепцијата во хотелот за секој од нив беше подготвена и оставена по една папка која содржеше репрезентативни материјали на англиски јазик за Македонија и предлог-агенда, како и т.н. ”њелцоме ноте” во името на КХВ на РМ.
Агендата за состаноците и активностите при нивата посета во Скопје беше планирана како што следува:
21-ви Ноември 2005
10.00 - состанок во просториите на КХВ на РМ со претседателот, членовите и вработените во КХВ -прва можна прилика за потпишување на МоУ-то
12.00-14.00 пауза за ручек
14.00-15.30 состанок во Македонската Берза АД Скопје со нејзиниот главен извршен директор
20.00 вечера во традиционален ресторан во организација на КХВ
22-ри Ноември 2005
09.30-11.00 состанок во Дирекцијата за тргување со хартии од вредност на Комерцијална Банка АД Скопје и нејзиниот директор
11.30-13.00 состанок во Централниот Депозитар за хартии од вредност АД Скопје и неговиот главен извршен директор
13.00 - разгледување на Скопје и ручек
На 21.11.2005 година во просториите на КХВ, членовите на албанската делегација остварија состанок со Претседателот на КХВ-Проф. Д-р Весна Пендовска, членовите на КХВ Проф. Д-р Гоце Петрески, Проф. Д-р Владимир Филиповски, Г-дин Миљаил Ајдини, Г-дин Борислав Атанасовски, Мате Стојановски-Секретар на КХВ и Лујза Стојкова, самостоен советник, а подоцна и со останатите вработени во Стручната Служба на Комисијата, на кој се разговараше за актуелни прашања и активности, при што се разменија искуства за пазарите на капитал во двете земји. Во оваа прилика КХВ на РМ подготви и на претставниците на Албанската КХВ им даде соодветен материјал за активностите на Комисијата и општо на пазарот на хартии од вредност во РМ.
По работниот дел од средбата, Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија и Албанската Комисија за хартии од вредност потпишаа билатерален Меморандум за разбирање при размена на информации. Во името на Комисијата за хартии од вредност на РМ, Меморандумот го потпиша Претседателот на Комисијата Проф. Д-р Весна Пендовска, а во името на Албанската Комисија, истиот го потпиша нејзиниот главен извршен директор, Проф. Д-р Ксенофон Крисафи.
По потпишувањето на Меморандумот, и двете комисии разменија пригодни плакети, како и книги за културните наследства во Македонија и Албанија.
Ова претставува осми по ред билатерален меморандум за соработка кој Комисијата за хартии од вредност го има потпишано во нејзиното 14-годишно досегашно работење, односно претходно се потпишани Меморандуми за разбирање за размена на информации и заемна помош поврзана со прашањата на супервизија на пазарот за хартии од вредност со релевантните регулатори на пазарите на капитал од Словенија, Романија, Турција, Бугарија, Хрватска, Црна Гора и Федерацијата на Босна и Херцеговина.
Во втората половина од работниот ден на 21.11.2005 година, од 14.00 часот беше испланиран и се реализира работен состанок во Македонската Берза на хартии од вредност АД Скопје, каде претставниците на Албанската КХВ ги прими Г-дин Иван Штериев, галвен извршен директор на Берзата. Имајќи предвид дека во Албанија е основана Тиранска Берза во сопственост на државата, на која не се одвиваат никакви активности со трансакции со хартии од вредност, главна тема на состанокот беа активностите на Македонската Берза и предностите кои може да ги искористат за заживување на нивниот пазар на хартии од вредност. Во оваа прилика Македонската Берза подготви и на претставниците на Албанската КХВ им даде соодветен материјал за активностите на Берзата.
Овој ден се заврши со вечера во традиционален национален ресторан.
Наредниот ден се реализираа два работни состаноци, најпрво во Дирекцијата за тргување со хартии од вредност на Комерцијална Банка АД Скопје, а потоа и во Централниот Депозитар за хартии од вредност АД Скопје.
На состанокот во Дирекцијата за тргување со хартии од вредност на Комерцијална Банка АД Скопје присуствуваше директорот на дирекцијата Г-дин Зоран Колев, кој посвети особено внимание за да ја прикаже постапката на примање налози од клиенти, самото тргување на Берзата, како и на соработката на овластените учесници со Комисијата за хартии од вредност како регулатор на пазарот на хартии од вредност.
Вториот работен состанок се одржа во Централниот Депозитар за хартии од вредност АД Скопје со главниот извршен директор Г-дин Стеван Шапчески, кој исто така даде краток осврт за работата и активностите на Депозитарот, при што на претставниците на Албанската КХВ им даде и соодветен материјал со правилата за работа на Централниот Депозитар АД Скопје.
Во рамките на сите работни состаноци, она што нашите претставници од релевантните институции имаа да им го порачаат на албанските претставници е дека за заживување на пазарот на хартии од вредност од исклучителна важност е разбирањето и поддршката од државата и нејзините органи преку донесување на соодветни законски решенија, а понатаму и самата соработка помеѓу сите институции на пазарот на капитал.
По официјалниот, работен дел од денот, за претставниците од Албанската КХВ беше организирано разгледување на стариот дел и центарот на Скопје, а потоа се одржа заеднички ручек.
Посетата на Албанската КХВ во Скопје заврши на 23.11.2005 година, кога во утринските часови заминаа преку Тетово и Охрид за Албанија.
КОМИСИЈА ЗА ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ
|