На оваа веб страна се користат колачиња кои не содржат лични податоци и служат со единствена цел за подобрување на корисничкото искуство. Со Вашето присуство на веб страната се подразбира дека се согласувате за користењето на овие колачиња. За повеќе детали во однос на заштитата на личните податоци прочитајте ја Политиката за колачиња.
Në këtë faqe të internetit përdoren biskota të cilat nuk përmbajnë të dhëna personale dhe shërbejnë me qëllim të vetëm për përmirësimin e përvojës së përdoruesit. Me prezencën Tuaj në faqen e internetit nënkuptohet se pajtoheni për përdorimin e këtyre biskotave (cookies). Për më tepër holllësi në lidhje me mbrojtjen e të dhënave personale lexoni Politikën e përdorimit të biskotave (cookies).
The website uses cookies that do not contain personal data and serve for the sole purpose of improving the user experience. Your presence on the website implies that you agree to the use of these cookies. For more details about personal data protection, please read the Cookie Policy.
Комисијата за хартии од вредност, по претходно спроведена јавна расправа, го усвои Правилникот за формата, содржината и начинот на водење на Регистер на единствена евиденција на прекршоците, изречените прекршочни глоби (санкции), склучени спогодби за посредување и донесените одлуки од страна на Комисијата за хартии од вредност и начинот на пристап до информациите од Регистерот.
Комисијата за хартии од вредност донесе решение со кое на Граве осигурување АД Скопје му ја одобри третата емисија на акции по пат на приватна понуда. Со оваа емисија, Граве осигурување АД Скопје треба да издаде 2.064 обични акции. Продажната цена е 1.000 евра по акција, така што вкупната вредност на емисијата е 2.064.000 евра. Купувач на акциите е постојниот акционер како институционален инвеститор, Грацер Векселзајтиге, Осигурително Акционерско друштво од Грац, Австрија. -Комисијата и даде одобрение на Националната групација за осигурување АД Осигурителна полиса Скопје да ја издаде четвртата емисија од 110.000 обични акции во износ од 1.100.000 евра. Емисијата е наменета за познат купувач и тоа за институционалниот инвеститор Приватен инвестициски фонд Фишер Делта. -Комисијата донесе решение со кое на Кроација осигурување АД - Друштво за осигурување на живот Скопје и даде одобрение за издавање долгорочни хартии од вредност - втора емисија на 22.500 обични акции во износ од 2.250.000 евра. - Комисијата за хартии од вредност на Друштвото за осигурување Сигал Уника Австрија АД Скопје му даде одобрение да ја издаде третата емисија од 975 обични акции во износ од 1.555.125 евра по пат на приватна понуда. Акциите се наменети за институционалниот инвеститор Сигал Уника Груп Австрија ш.а. Тирана Република Албанија .
КБ Публикум инвест АД Скопје е новото друштво за управување со фондови кое доби дозвола за основање од Комисијата за хартии од вредност. Основачи на КБ Публикум инвест АД Скопје се Publikum holding ДОО Љубљана, Словенија, Forlex S.R.L.Trieste, Италија, Pom-Invest DD Марибор, Словенија и Комерцијална Банка АД Скопје.Основната главнина на друштвото изнесува 500.000 евра. Согласно статутот на друштвото, предвидено е на почеток, КБ Публикум инвест АД Скопје да основа и да управува со два отворени инвестициски фондови, со што се очекува да се зголеми конкурентноста во инвестициското работење на македонскиот пазар на хартии од вредност.
Комисијата издаде една дозвола за работа на брокер и тоа на лицето Цветанчо Димовски.
Во декември, вкупно активни акционерски друштва се 141. Во Регистарот што го води Комисијата за хартии од вредност се запишуваат друштвата кои се основани и работат во Република Македонија и притоа извршиле јавна понуда на хартии од вредност или имаат основна главнина од 1.000.000 ЕВРА во денарска противвредност и повеќе од 100 акционери или се котирани на овластената берза, односно исполнувањето на било кој од овие услови поединечно од страна на едно акционерско друштво, значи негово запишување во Регистарот на Комисијата.
Комисијата за хартии од вредност и во декември секојдневно оn-line во реално време го следеше тргувањето на берзата и вршеше постојана посредна и непосредна контрола на овластените учесници на пазарот на хартии од вредност. Секторот за контрола на пазарот на капитал спроведе 5 (пет) редовни и 1 (една) вонреднa контролa. КХВ спроведе редовни контроли и на Македонската берза АД Скопје и на Централниот депозитар за хартии од вредност.
Комисијата за хартии од вредност даде согласност Зоран Мајнов да биде директор на брокерската куќа"Мој брокер" АД Скопје.
а) Брокерски куќи - Брокерската куќа"Битола брокер" АД Битола во текот на работењето не ги почитувала Законот за хартии од вредност и правилата за тргување и согласно Законот за хартии од вредност за сторените повреди, Комисијата на"Битола брокер" АД Битола и изрече привремена забрана за вршење на сите услуги со хартии од вредност во рок од 30 работни дена. Освен забраната за работа, брокерската куќа треба да плати и три глоби од по 4000 до 5000 евра, а одговорното лице на"Битола брокер" АД Битола казна во износ од 3.000 до 6000 евра. - Поради сторени неправилности, незаконитости и непочитување на обврските утврдени со Законот за хартии од вредност, брокерската куќа"Илирика инвестментс" АД Скопје заработи глоба од 4000 до 5000 евра и одговорното лице во висина од 1000 до 2000 евра. - Брокерската куќа"Бета Брокер" АД Скопје на Собранието на акционери одржано на 15 декември 2008 година има донесено одлука за престанок на друштвото и спроведување на постапка за ликвидација. Како резултат на таквата одлука, Комисијата за хартии од вредност спроведе непосредна вонредна контрола и согласно Законот за хартии од вредност донесе решение за одземање на дозволата за работа на"Бета Брокер" АД Скопје и решение за исполнување на условите за ликвидација , а до надлежниот суд поднесе предлог за отворање на ликвидација. б) Брокери -Комисијата за хартии од вредност времено за период од 30 работни дена му ја одзема дозволата за работа на овластен брокер вработен во брокерската куќа"Илирика инвестментс"АД Скопје поради сторени неправилности, незаконитости и непочитување на обврските утврдени со Законот за хартии од вредност и со правилата на тргување.
Во декември, Комисијата за хартии од вредност активно ја извршуваше својата контролна функција на пазарот на хартии од вредност и согласно законските прописи решаваше индивидуални (поединечни) и групни барања на акционери за заштита на нивните права кои произлегуваат од сопственоста над акциите. До КХВ доставени се 3 (три) барања за заштита на акционерски права.
Комисијата за хартии од вредност во декември склучи Меморандуми за соработка со Управата за финансиска полиција и со Управата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам. Овие Меморандуми се во функција на зајакнување на борбата против перењето пари и финансискиот криминал во Република Македонија.Преку размена на информации и податоци се очекува поефикасно да се откриваат сомнителните трансакции од аспект на финансиски криминал, спречување перење пари и финансирање на тероризмот. Меморандумите за соработка ги потпишаа Претседателот на Комисијата за хартии од вредност Марина Наќева-Кавракова, Директорот на Управата за финансиска полиција Љупчо Стаматовски и Директорот на Управата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам Ване Цветанов.
Во текот на декември, претставници на Комисијата за хартии од вредност учествуваа на Семинар организиран од страна на FINRA и IOSCO SRO Консултативен Комитет за Регулаторите во растечките пазари, одржан во Вашингтон од 8-10 Декември, 2008 година. На семинарот беа покриени низа регулаторни проблематики од областа на супервизијата на брокерските куќи, како и супервизија базирана на ризици.Исто така беа претставени неколку модели на саморегулирачки организации кои функционираат на некои растечки пазари.