На оваа веб страна се користат колачиња кои не содржат лични податоци и служат со единствена цел за подобрување на корисничкото искуство. Со Вашето присуство на веб страната се подразбира дека се согласувате за користењето на овие колачиња. За повеќе детали во однос на заштитата на личните податоци прочитајте ја Политиката за колачиња.
Në këtë faqe të internetit përdoren biskota të cilat nuk përmbajnë të dhëna personale dhe shërbejnë me qëllim të vetëm për përmirësimin e përvojës së përdoruesit. Me prezencën Tuaj në faqen e internetit nënkuptohet se pajtoheni për përdorimin e këtyre biskotave (cookies). Për më tepër holllësi në lidhje me mbrojtjen e të dhënave personale lexoni Politikën e përdorimit të biskotave (cookies).
The website uses cookies that do not contain personal data and serve for the sole purpose of improving the user experience. Your presence on the website implies that you agree to the use of these cookies. For more details about personal data protection, please read the Cookie Policy.
1. Тргување со акции и обврзници:
● Каде и како можам да тргувам акции и обврзници?
Одговор: Вo Република Северна Македонија со акции и обврзници се тргува исклучиво на Македонска берза АД Скопје. За да купите/продадете акции на берзата потребно е да контактирате со брокерска куќа или банка која има дозвола за работа со хартии од вредност и соодветно тие ќе ве упатат како може да тргувате на берза.
● Дали и како можам да тргувам во странство?
Одговор: Сите правни и физички лица од Република Северна Македонија може да тргуваат во странство. Притоа тоа можат да го направат самостојно или пак преку брокерска куќа или банка која има дозвола за работа со хартии од вредност.
● Каде може да се обратам да ги заштитам моите акционерски права?
Одговор: Доколку сте акционер и сметате дека одредни права кои Ви се загарантирани со Закон Ви се прекршени најдобро е најпрвин да се обратите во акционерското друштво со цел тие да се обидат и да Ви излезат во пресрет на вашите барања. Доколку не сте задоволни од нивниот одговор и сметате дека Вашите права не се до крај остварени, тогаш може писмено да се обратите до Комсијата за хартии од вредност при што со барање ќе објасните како сметате дека вашите акционерски права се загрозени и доколку сте преземале одредни чекори во нивно надминување.
● Каде може да добијам информација за состојбата на мојата сметка со хартии од вредност?
Одговор: Сите информации за состојбата со Вашата сметка со хартии од вредност може единствено да ги добиете во Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје.
● Како може да проверам дали ми е исплатена дивиденда или камата од доспеана обврзница?
Одговор: За да Ви биде исплатена дивиденда или камата од доспеана обврзница Централниот депозитар мора да има податоци за Вашата трансакциска сметка. Доколку сметате дека имате заостаната неисплатена камата или пак дивиденда, контактирајте со Централниот депозитар или со брокерска куќа/ банка со цел да може да дадете информации за Вашата трансакциска сметка.
● Како може да купам удели во отворени инвестициски фонд?
Одговор: Удели во отворени инвестициски фонд може да се купат директно во друштвото за управување со инвестициски фондови или пак преку нивни овластени агенти. Парите за купување на удели се уплаќаат на сметка на инвестицискиот фонд во депозитарна банка на фондот по што друштвото Ви дава потврда за бројот на купени удели.
● Каде можам да добијам информација кои брокерски куќи и Друштва за управување со инвестициски фондови имаат добиено довола за работа?
Одговор: Сите брокерски куќи, банки и Друштва за управување со инвестициски фондови кои имаат добиено дозвола за работа се јавно објавени на веб страната на Комисијата.
● Каде може да најдам податоци за вреднувањето и вложувањето на инвестициските фондови?
Одговор: Податоци за вреднувањето и за вложувањата на отворените инвестициски фондови може да се најдат на веб страната на друштвата за управување или пак на веб страната на Комисијата.
● Каде може да најдам податоци за работењето на котираните друштва?
Одговор: Своите податоци котираните друштва со кои се тргува на Македонска берза АД Скопје ги објавуваат на сеи нет.
● Како да стапам во контакт со брокер?
Одговор: Сите брокери кои имаат добиено дозвола за работа се јавно објавени на веб страната на КХВ.
● Што можам да направам доколку сум незадоволен/а од постапувањето на брокерската куќа/банка или ДУИФ?
Одговор: Доколку се сомневате во постапувањето на одредна брокерската куќа/банка или ДУИФ или пак имате информација за нивно постапување кое е надвор од законот може веднаш да ја контктиратте КХВ.
2. Издавање на хартии од вредност:
● Дали новоосновано акционерско друштво може да издава хартии од вредност?
Одговор: Да, секое акционерско друштво чие основање е запишано во Централниот регистар може да се јави како издавач на хартии од вредност.
● Дали акционерско друштво кое работи со загуби може да издава хартии од вредност?
Одговор: Да, негативниот финансиски резултат не е пречка за издавање хартии од вредност. Некои емисии на хартии од вредност се распишуваат за целите на покривање на акумулираните загуби.
● Дали постои ограничување на вредноста на емисијата на хартии од вредност што може да ги издаде едно друштво?
Одговор: Во поглед на издавањето акции не постои ограничување на вредноста на емисијата, односно кога издавач е акционерско друштво или командитно друштво со акции, друштвото може да издава нови акции во неограничен износ во согласност со статутот на друштвото.
● Што се однесува до вредноста на емисијата на обврзници, вкупната номинална вредност на една емисија на обврзници или комерцијални записи која не е гарантирана од банка или од Република Северна Македонија, не смее да изнесува повеќе од вредноста на главнината на издавачот?
Одговор: Во случај кога емисијата на обврзници или на комерцијални записи е гарантирана од банка или од Република Северна Македонија, најголемата вредност на емисијата не смее да го надминува износот на главнината и износот на издадената гаранција.
● Дали друштво со ограничена одговорност може да издава акции?
Одговор: Друштво со ограничена одговорност може да издава акции само во постапка на трансформација на истото во акционерско друштво за што е потребно содружниците на друштвото претходно да донесат одлука за преобразба на друштвото во акционерско друштво.
● Дали друштво со ограничена одговорност може да издава други хартии од вредност, како на пример обврзници?
Одговор: Друштво со ограничена одговорност може да издава должнички хартии од вредност, како на пример обврзници.
● Кога друштвото може да располага со средствата од емисијата?
Одговор: Друштвото може да располага со средствата прибрани со емисијата на хартиите од вредност од моментот кога хартиите од вредност ќе бидат регистрирани во депозитарот на хартии од вредност.
3. Преземање на акционерски друштва:
● На кои хартии од вредност се применуваат одредбите од Законот за преземање на акционерските друштва?
Одговор: Одредбите од Законот за преземање на акционерските друштва се применуваат на хартиите од вредност кои котираат на овластена берза и на хартиите од вредност издадени од акционерските друштва со посебни обврски за известување согласно со Законот за хартии од вредност.
●Како се утврдува цената на преземањето на акционерското друштво?
Одговор: Цената која ќе ја определи преземачот во понудата за преземање е еднаква за сите хартии од вредност од определен род кои се предмет на понудата за преземање.
Цената во понудата за преземање не смее да биде пониска од највисоката цена по која преземачот или лицата со кои дејствува заеднички купиле хартии од вредност во последните 12 месеци пред известувањето за намерата за преземање, а доколку оваа цена е пониска од просечната цена на хартиите од вредност постигната на овластена берза во последните 12 месеци пред известувањето за намерата за преземање, преземачот е должен да ја понуди најмалку просечната цена постигната на овластена берза.
Доколку со хартиите од вредност кои се предмет на понудата за преземање не е тргувано во последните 12 месеци пред известувањето за намерата за преземање, преземачот е должен да понуди цена најмалку во висина на проценетата вредност на хартиите од вредност утврдена од страна на овластен проценител.
Преземачот кој во период од една година по истекот на рокот за прифаќање на понудата за преземање која била успешна се стекне со хартии од вредност по цена која е повисока од цената во таа понуда, е должен на прифаќачите на понудата да им ја доплати разликата во цената во пари, во рок од осум дена од стекнувањето на новите хартии од вредност.
● Кога се создава обврска за давање понуда за преземање на акционерско друштво?
Одговор: Обврската за давање понуда за преземање на акционерското друштво настанува во моментот кога лицето кое само или заедно со лицата со кои дејствува заеднички стекне 25% или повеќе од хартиите од вредност со прво на глас издадени од определено акционерско друштво, вклучувајќи ги и акциите кои претходно ги поседувало. Во тој случај станува збор за задолжителна понуда за преземање. Задолжителна понуда треба да даде и преземач кој успешно спровел понуда за преземање, но кој дополнително се стекне со повеќе од 5% од акциите со право на глас на друштвото. Обврската за давање понуда за преземање престанува кога преземачот со успешна понуда за преземање се стекнал со најмалку 75% од акциите со право на глас на целното друштво.
Но постои можност и за доброволна понуда за преземање, кога лицето односно лицата со кои дејствува заеднички не стекнало 25% од хартиите од вредност со право на глас но кое сака да изврши преземање.
● Како да ја прифатам понудата за преземање?
Одговор: Понудата за преземање се прифаќа со писмена изјава за прифаќање на понудата за преземање. Изјавата за прифаќање на понудата се испраќа до овластеното правно лице (брокерска куќа или банка) кое во име и за сметка на преземачот ја дало понудата за преземање. Со потпишување на изјавата за прифаќање на понудата за преземање, Вие de facto ги резервирате хартиите од вредност на посебна сметка во овластениот депозитар и не можете повеќе да располагате со истите. Понудата за преземање се смета за прифатена со денот на резервирањето на хартиите од вредност на посебна сметка во овластениот депозитар.
● Доколку е дадена конкурентска понуда дали имам право да ја прифатам истата, ако претходно веќе сум дал изјава за прифаќање на првата понуда за преземање?
Одговор: Да, имате право да отстапите од писмената изјава за прифаќање на првата понуда за преземање и да дадете изјава за прифаќање на конкурентската понуда.
● Можам ли да тргувам со хартиите од вредност додека трае постапката на преземање на друштвото?
Одговор: Сѐ додека не дадете писмена изјава за прифаќање на понудата, вие имате право да располагате со вашите хартии од вредност, следствено и да тргувате со истите. Во моментот кога ќе ја потпишете изјавата за прифаќање на понудата за преземање, Вие повеќе не ќе можете да располагате со истите.
● Што ако ја прифатам понудата за преземање, а не ми биде исплатен паричниот износ?
Одговор: Паричниот износ во секој случај ќе Ви биде исплатен. Имено, согласно Законот за преземање на акционерските друштва преземачот е должен да го депонира паричниот износ потребен за плаќање на сите хартии од вредност на кои се однесува понудата за преземање на посебна сметка на овластениот депозитар, или пак да депонира банкарска гаранција со рок на важење од најмалку 30 дена по истекот на рокот за плаќање утврден во понудата. Комисијата за хартии од вредност пред да ја издаде дозволата за преземање проверува дали е исполнет овој услов, во спротивно нема да издаде дозвола за преземање.
● Кога можам да располагам со парите од продажба на акциите во постапка на преземање?
Одговор: Ако понудата за преземање е успешна, овластениот депозитар е должен во рок од 8 дена по приемот на Решението за успешност од Комисијата за хартии од вредност, во име и за сметка на преземачот да Ви ги исплати средствата согласно вашето прифаќање на понудата за преземање.
● Што ако понудата е неуспешна, а јас сум ја прифатил?
Одговор: Ако Комисијата за хартии од вредност со Решение утврди дека понудата за преземање е неуспешна, ограничувањето за располагање со акциите кои Ви биле резервирани во овластениот депозитар во врска со понудата за преземање престануваат и Вие понатаму можете слободно да располагате со Вашите акции.
4. Веб страна на КХВ:
● Како може да дадам коментар на Предлог Правилник кој е објавен на веб страната на Комисијата?
Одговор: Коментар, предлог или забелешка на Предолг Правилник може да се даде со пополнување на полето “внеси коментар” кое се отвора на веб страната и со внесување на вашата електроснка адреса од која пристигнува Вашето обраќање.
● Дали е дозволено барање до Комисијата да се достави потпишано со електронски потпис?
Одговор: Да, дозволено е. За доставување на барање до Комисијата со електронски потпис потребно е да имате валиден дигитален сертификат во согласност со Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис.
● Дали е дозволено до Комисијата да се достави барање во форма на електронски поднесок?
Одговор: Да, дозволено е, но само ако при поднесувањето на електронскиот поднесок се применуваат одредбите од Законот за електронско управување.
● На кој јазик можам да се обратам, а потоа и да го користам во постапката за добивање на уверние за работење со хартии од вредност која ќе ја водам во Комисијата?
Одговор: Службен јазик во Комисијата е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик) и неговото писмо согласно со Законот за употреба на јазиците.
● Во Комисијата се води предмет по поднесено барање од моја страна. Сакам да знам дали имам право да ги разгледувам списите во предметот?
Одговор: Да имате право. Вие како странка во управната постапка имате право да ги разгледате списите на предметот во согласност со Законот за општата управна постапка.
● Како да добијам пристап до Информатичкиот систем за супервизија и известување - СРИС на Комисијата за хартии од вредност?
Одговор: За да добиете пристап до Информатичкиот систем за супервизија и известување СРИС потребно е до Комисијата да доставите официјално барање потпишано од одговорно лице, во кои ќе доставите ваши контакт податоци (име и презиме, телефон и мејл) и во кое својство ќе известувате. Откако барањето ќе биде разгледано и одобрено, ќе ви биде отворен кориснички профил.
● Ми стигна мејл дека ми е отворен нов кориснички профил на Информатичкиот систем за супервизија и известување - СРИС, меѓутоа немам никакви податоци околу најавување на системот?
Одговор: Откако ви е креиран нов кориснички профил на СРИС Ви стигнува системски мејл дека истиот ви е креиран. Меѓутоа корисничкото име и првичната лозинка за најавување во системот ви ја даваме на испечатен кориснички налог и тоа лично треба да го подигнете од Комисијата. Поради безбедносни причини не го испраќаме на мејл.
● Сертификатот со коj вршам дигитално потпишување во СРИС ми е истечен. Како да го заменам со нов?
Одговор: Откако ќе го обновите истечениот сертификат (кој треба да е издаден од КИБС или Телеком), истиот го праќате до контакт лице во Комисијата задолженo за администрирање на СРИС и тоа во .cer формат. Откако новиот сертификат ќе ви биде асоциран со вашиот кориснички профил, ќе можете да потпишувате со новиот сертификат.
● Дали и како можам да закажам состанок со претседателот на Комисијата?
Одговор: Можете да закажете состанок со Претседателот на Комисијата или со други лица овластени од Претседателот на КХВ со тоа што ќе ги оставите вашите контакт податоци (име и презиме, телефон и мејл) и причината за потребата од состанокот, електронски (khv@sec.gov.mk) или на телефонскиот број 02 3244 670.
● Дали за поднесам претставка до Комисијата потребно е да платам некаков надоместок или такса?
Одговор: За поднесување на претставка до Комисијата не се наплатува надоместок или такса за постапување.
5. Член 166-б од ЗХВ:
● Кои друштва имаат обврска да објавуваат податоци на интеренет страната на берза согласно член 166-б од Законот за хартии од вредност ?
Одговор: Согласно член 166-б од Законот за хартии од вредност акционерските друштва и другите правни лица - издавачи на хартии од вредност, чии хартии од вредност не котираат на берза и не се водат во Регистарот на акционерски друштва со посебни обврски за известување, се должни да објавуваат податоци на интернет страната на Берза.
● Како и каде се објавуваат податоците на акционерските друштва согласно член 166-б од Законот за хартии од вредност?
Одговор: Согласно член 166-б од Законот за хартии од вредност податоците се објавуваат на интернет страната на Берза. За таа цел треба да се контактира Берза (тел.02/3122055) и податоците да се испратат до нив со цел истите да бидат објавени на нивната интернет страна.
● Кои податоци ги објавуваат акционерските друштва согласно член 166-б од Законот за хартии од вредност и кога?
Одговор: Согласно 166-б друштвата се должни да ги објавуват податоците за приходи (вкупно), добивка од редовно работење пред оданочување, добивка за финансиската година, нето готовински тек, добивка за финансиска година по акција и дивиденда по акција во рок од 15 дена од усвојувањето на годишната сметка, односно финансиските извештаи на издавачот), додека пак податоците за промени во сопственичката структура над 10%, статусни измени на друштвото, промени во органите на управување и раководење, нова емисија на хартии од вредност, како и други промени во работењето кои значајно влијаат врз цената на хартиите од вредност во во најкраток рок, но не подоцна од десет календарски дена од денот на настанатата промена.
6. Полагање на стручни испити што ги организира Комисијата:
● Кои услови треба да ги исполнувам за да полагам стручен испит за работење со хартии од вредност?
Одговор: Право на полагање на стручен испит за работење со хартии од вредност има лице кое ги исполнува следниве услови: (1) да има завршено најмалку четиригодишно средно образование и со искуство од најмалку една година во областа на финансиите; (2) да има завршено обука за работење со хартии од вредност која ја организира Комисијата; (3) да не е осудуван со правосилна судска одлука за кривично дело во последните пет години и (4) да не е осудуван со правосилна судска одлука за сторено кривично дело предизвикување стечај на правно лице.
● Од што се содржи стручниот испит за работење со хартии од вредност?
Одговор: Стручниот испит за работење со хартии од вредност се состои од два дела: прв дел (теоретски дел), со кој се проверува теоретското знаење на кандидатите и втор дел (практичен пример), со кој се проверува способноста за примена на законите во практиката. Првиот дел од стручниот испит за работење со хартии од вредност се полага по предметите „Суштина, функции и законска регулатива за функционирањето на пазарот на капитал на Република Северна Македонија“, „Акции“ и „Обврзници“. Вториот дел од стручниот испит за работење со хартии од вредност се состои од практичен пример и/или прашања кои треба кандидатот да ги одговори врз основа на анализата на практичниот пример и/или задачи кои треба кандидатот да ги реши врз основа на анализата на практичниот пример.
● Каде можам да ги најдам прашањата за полагање на стручниот испит за работење со хартии од вредност или за инвестиционо советување?
Одговор: Прашањата за полагање на стручниот испит за работење со хартии од вредност и за инвестиционо советување се јавно објавени и истите се достапни на следниот линк http://www.prasanja.mk .
● Кои услови треба да ги исполнувам за да полагам стручен испит за инвестиционен советник?
Одговор: Право на полагање на стручен испит за инвестиционен советник има лице кое ги исполнува следниве услови: (1) да има завршено четиригодишно високо образование VII/1 или студирал според Болоњската декларација и има 240 кредити според европскиот кредит - трансфер систем (ЕКТС) и со искуство од најмалку една година во областа на финансиите; (2) да има завршено обука за инвестиционо советување која ја организира Комисијата; (3) да не е осудуван со правосилна судска одлука за кривично дело во последните пет години и (4) да не е осудуван со правосилна судска одлука за сторено кривично дело предизвикување стечај на правно лице.
● Од што се содржи стручниот испит за инвестициско советување?
Одговор: Стручниот испит за инвестиционен советник се состои од два дела: прв дел (теоретски дел), со кој се проверува теоретското знаење на кандидатите и втор дел (практичен пример), со кој се проверува способноста за примена на законите во практиката.
Првиот дел од стручниот испит за инвестиционен советник се состои од три модули:
Прв модул:
а) регулатива за пазарот на капитал во Република Северна Македонија;
б) квантитативни методи и статистика;
в) економика
г) анализа на финансиски извештаи;
Втор модул:
а) финансии на корпорацијата (финансиски менаџмент);
б) анализа и вреднување на акциите и
в) анализа и вреднување на инструментите со фиксен доход
Трет модул:
а) финансиски деривативи;
б) анализа на алтернативни инвестиции;
в) портфолио менаџмент
г) етика, професионални стандарди и односи со клиенти.
Вториот дел од стручниот испит за инвестиционен советник се состои од практичен пример и/или прашања кои треба кандидатот да ги одговори врз основа на анализата на практичниот пример и/или задачи кои треба кандидатот да ги реши врз основа на анализата на практичниот пример.
● Колку изнесува надоместокот за полагање на стручен испит за работење со хартии од вредност?
Одговор: За обуката на стручниот испит за работење со хартии од вредност кандидатот плаќа надоместок во износ од 10.000 денари.
За полагањето на стручниот испит за работење со хартии од вредност кандидатот плаќа надоместок во износ од 2.500 денари
● Колку изнесува надоместокот за полагање на стручен испит за инвестициско советување?
Одговор: За обуката на стручниот испит за инвестициско советување кандидатот плаќа надоместок во износ од 20.000 денари.
За полагањето на стручниот испит за инвестициско советување кандидатот плаќа надоместок во износ од 5.000 денари.
● Како да извадам дупликат уверение за положен стручен испит за работење со хартии од вредност или инвестициско советување?
Одговор: Лицето чие уверение е изгубено или уништено, може од Комисијата да побара издавање на дупликат на уверение. При тоа, кон барањето за издавање на дупликат на уверение се приложува причината за потребата од издавање на дупликат на уверение од Комисијата, како и периодот на следење на обуката и датумот на полагање на посебниот стручен испит за работење со хартии од вредност, доказ дека изгубеното уверение е огласено за неважечко, согласно со позитивните законски прописи и доказ за уплатен надоместок за издавање на дупликат на уверение за работење со хартии од вредност.
● Колку изнесува надоместокот за издавање на дупликат уверение за работа со хартии од вредност односно уверение за инвестициско советување?
Одговор: Надоместок за издавање на дупликат на уверение за работа со хартии од вредност односно уверение за инвестиционо советување изнесува 1.500 денари.
● Дали средствата уплатени како надоместок за полагање на стручен испит може да бидат вратени на кандидатот?
Одговор: Ако кандидатот во рок од една година од денот на уплатата на средствата не го полага стручниот испит за работење со хартии од вредност, уплатените средства се враќаат согласно со закон.
● Која е постапката за признавање на документ со кој се докажува стекната квалификација во странство во областа на инвестиционото советување пред Комисијата?
Одговор: Комисијата врши признавање на документите издадени од глобална професионална организација од областа на хартиите од вредност, од надлежен орган (регулаторно тело) во земја членка на ЕУ, Европски економски простор, Швајцарската конфедерација, САД или друга земја со чиј надлежен орган (регулаторно тело) е склучен договор за меѓусебно признавање на професионални квалификации на принцип на реципроцитет со кој се докажува стекнатата квалификација во странство во областа на инвестиционо советување врз основа на поднесено барање од заинтересираното лице. Во прилог на барањето заинтересираното лице поднесува и:
- нотарски заверен превод на диплома или уверение за завршено високо образование или документ за нострификација издаден од надлежен државен орган за диплома или уверение за завршено високо образование во странство или диплома или уверение за завршено високо образование во Република Северна Македонија;
- апостил печат на документoт издаден од глобална професионална организација од областа на хартиите од вредност, од надлежен орган (регулаторно тело) во земја членка на ЕУ, Европски економски простор, Швајцарската конфедерација, САД или друга земја со чиј надлежен орган (регулаторно тело) е склучен договор за меѓусебно признавање на професионални квалификации на принцип на реципроцитет со кој се докажува стекнатата квалификација во странство во областа на работење со хартии од вредност;
- наставен план и програма на обуката за инвестиционо советување објавен од страна на странски надлежен орган (регулаторно тело) врз основа на која е издаден документ со кој се докажува стекнатата квалификација во странство во областа на инвестиционо советување, освен ако документот за инвестиционо советување е издаден од CFA Institute, Charlottsville, Virginia-САД, од надлежен орган (регулаторно тело) во земја членка на ЕУ, Европски економски простор, Швајцарската конфедерација, САД или друга земја со чиј надлежен орган (регулаторно тело) е склучен договор за меѓусебно признавање на професионални квалификации на принцип на реципроцитет;
- доказ за уплатен надомест утврден со Тарифникот за утврдување висина на надоместоци што ги наплатува Комисијата за хартии од вредност на РСМ;
- Комисијата за признавање во постапката може од лицето кој го поднел барањето за признавање да побара и други документи кои се од важност за донесувањето на одлуката, како и оргиналните документи на увид.
Во постапката за признавање лицето задолжително ја полага испитната област - Регулатива за пазарот на капитал во Република Северна Македонија и евентуално другите области или делови од области кои ќе ги утврди Комисијата за признавање и тоа во рок од најмногу 60 дена од првиот овозможен испитен термин на Комисијата.
● Која е постапката за признавање на документ со кој се докажува стекната квалификација во странство во областа на хартиите од вредност пред Комисијата?
Одговор: Комисијата врши признавање на документите издадени од глобална професионална организација од областа на хартиите од вредност, од надлежен орган (регулаторно тело) во земја членка на ЕУ, Европски економски простор, Швајцарската конфедерација, САД или друга земја со чиј надлежен орган (регулаторно тело) е склучен договор за меѓусебно признавање на професионални квалификации на принцип на реципроцитет со кој се докажува стекнатата квалификација во странство во областа на хартиите од вредност врз основа на поднесено барање од заинтересираното лице. Во прилог на барањето заинтересираното лице поднесува и:
- нотарски заверен превод на диплома или уверение за завршено високо образование или документ за нострификација издаден од надлежен државен орган за диплома или уверение за завршено високо образование во странство или диплома или уверение за завршено високо образование во Република Северна Македонија;
- апостил печат на документoт издаден од глобална професионална организација од областа на хартиите од вредност, од надлежен орган (регулаторно тело) во земја членка на ЕУ, Европски економски простор, Швајцарската конфедерација, САД или друга земја со чиј надлежен орган (регулаторно тело) е склучен договор за меѓусебно признавање на професионални квалификации на принцип на реципроцитет со кој се докажува стекнатата квалификација во странство во областа на работење со хартии од вредност;
- наставен план и програма на обуката за хартиите од вредност објавен од страна на странски надлежен орган (регулаторно тело) врз основа на која е издаден документ со кој се докажува стекнатата квалификација во странство во областа на хартиите од вредност, освен ако документот за работење со хартиите од вредност е издаден од CFA Institute, Charlottsville, Virginia-САД, од надлежен орган (регулаторно тело) во земја членка на ЕУ, Европски економски простор, Швајцарската конфедерација, САД или друга земја со чиј надлежен орган (регулаторно тело) е склучен договор за меѓусебно признавање на професионални квалификации на принцип на реципроцитет;
- доказ за уплатен надомест утврден со Тарифникот за утврдување висина на надоместоци што ги наплатува Комисијата за хартии од вредност на РСМ;
- Комисијата за признавање во постапката може од лицето кој го поднел барањето за признавање да побара и други документи кои се од важност за донесувањето на одлуката, како и оргиналните документи на увид.
Во постапката за признавање лицето задолжително ја полага испитната област - Суштина, функции и законска регулатива за функционирањето на пазарот на капитал на Република Северна Македонија и евентуално други области или делови од области кои ќе ги утврди Комисијата за признавање и тоа во рок од најмногу 60 дена од првиот овозможен испитен термин на Комисијата.
● Колку изнесува надоместокот за разгледување на поднесено барање за признавање на документ со кој се докажува стекната квалификација во странство во областа на хартиите од вредност пред Комисијата?
Одговор: Надоместок за разгледување на поднесеното барање за признавњае на документ со кој се докажува стекната квалификација во странство во областа на хартиите од вредност изнесува 10.000 денари.
● Колку изнесува надоместокот за разгледување на поднесено барање за признавање на документ со кој се докажува стекната квалификација во странство во областа на инвестиционо советување пред Комисијата?
Одговор: Надоместок за разгледување на поднесеното барање за признавање на документ со кој се докажува стекната квалификација во странство во областа на инвестиционото советување изнесува 10.000 денари.
7. Слободен пристап до информации:
● Имам ли право да се обратам до Вас по законот за слободен пристап до информации?
Одговор: Да, имате право и можете да поднесете Барање за слободен пристап до информација од јавен карактер. Тоа може да го стори секое физичко и правно лице, без оглед дали е домашно или странско без разлика на полова, верска, национална, расна припадност. Информацијата од јавен карактер можете да ја побарате со писмен поднесок, усно или електронски.
● Сакам да поднесам барање за слободен пристап за информации, но дали морам да Ви ја кажам целта зошто го правам тоа?
Одговор: Исклучително важна карактеристика на слободниот пристап до информации од јавен карактер е фактот што барателот на информацијата не е должен да ги образложи причините поради кои ја бара информацијата, ниту пак да докажува постоење на правен интерес за пристап до конкретната информација. Комисијата како имател на информацијата нема право од Вас да бара да го образложите своето барање.
● На кој јазик можам да го доставам барањето?
Одговор: Службен јазик во Комисијата е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик) и неговото писмо согласно со Законот за употреба на јазиците. Оттука, барањето можете да го поднесете на македонски јазик и неговото кирилично писмо, а доколку зборувате службен јазик различен од македонскиот јазик и писмо, барањето може да го доставите и на службениот јазик и писмо што го употребувате во согласност со закон.
● Сакам да доставам барање за пристап до информациите, но ме интересира колку тоа би ме чинело?
Одговор: Увидот во бараната информација е бесплатен! Кога станува збор за добиениот препис, фотокопија или електронски запис на информацијата, се плаќа надоместок во висина на материјалите трошоци (чиј износ го утврдува Владата на Република Северна Македонија по предлог на Министерството за финансии, при што истата е објавена на нашата интернет страница). Доколку барањето се однесува на информација од поголем обем, ние како имател можеме однапред да Ви побараме надоместок за покривање на трошоците.
● Имам прашање до Вас, напишано на лист хартија, дали можам да го поднесам и Вие да постапите по него?
Одговор: Доколку во него се содржани сите елементи предвидени со Законот , Комисијата за хартии од вредност ќе го прими Вашето барање. Инаку, барањето не мора секогаш да биде поднесено на предвидениот образец, туку може да се поднесе и со обичен писмен поднесок.
● Дали можам да поднесам барање за да утврдам колку акции имам во фирмата ?
Одговор: Со такви информации, КХВ не располага и истите можете да ги добиете од Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје www.cdhv.mk.
● Дали согласно Законот за слободен пристап до информации може да добијам документ од Комисијата, кој во себе содржи лични податоци?
Одговор: Ако во документот има лични податоци кои доколку бидат откриени ќе претставуваат повреда на заштитата на личните податоци, КХВ нема да може да Ви ја достави информацијата, бидејки е исклучок од слободниот пристап.
● Дали можам да добијам информација за предмет кој е во обработка, а не сум странка во постапката?
Одговор: Ако бараната информација се однесува на предмет кој е во постапка на подготвување,тоа според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер претставува исклучок од слободниот пристап до информации и Комисијата нема да смее да Ви ја даде истата.
● Што претставува тестот на штетност?
Одговор: Тестот на штетност е задолжителна постапка на имателот на информации од јавен карактер, во случај кога се бара информација што е исклучок од слободниот пристап на информации од јавен карактер, а со која се проверуваат последиците врз интересот кој се заштитува.
● Каде може да се поднесе жалба доколку не сум задоволен од Одговорот на Барањето за пристап до информација од јавен карактер?
Одговор: Доколку подносител на писмено барање за пристап до информација од јавен карактер смета дека имателот постапил спротивно на Законот, може да поднесе Жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер www.komspi.mk.